Носот не е само дел од човековото тело кој во меѓучовечките односи во секојдневниот живот често се поврзува со лажењето, занимавање со туѓите проблеми и работи или со невоочување на решенија кои се наоѓаат пред нас. Носот не е само инстинкт на нашиот ум („да се има нос“ за бизнис...). Носот е многу повеќе од сето ова. Носот претставува прозорец на нашето тело кон светот.
Носот е дел од нашето тело со помош на кој нашиот организам доаѓа во контакт со надворешната средина. Претставува главниот влез во дишните патишта. Покрај тоа, во внатрешноста на носот се наоѓа и сетилото за мирис. Поради тоа велиме дека носот е орган со две функции: дишење и мирис. Носот учествува и во перцепција, т.е. препознавање на ароми, а има и важна улога во правилно функционирање на сетилото за вкус. Во случај на оштетување на носната слузница доаѓа до пореметување во препознавањето на аромата на намирниците кои ги јадеме.