ДАЛИ ЗНАЕВТЕ?
Човечкиот нос е важен орган. Постојат 14 основни морфолошки форми на нос, меѓутоа носот не го дефинира само нашиот изглед – независно дали Ви се допаѓа Вашиот нос или не, морате да му бидете благодарни за различните многу важни функции кои ги извршува, без кои луѓето не би биле воопшто она што се.
Освен генетски идентичните близнаци, секоја поединечна особа на Земјата поседува единствено чувство за мирис. Човековиот нос може да препознае околу 50 000 различни мириси. Мирисот (мирисните честички) кои доаѓаат со воздухот ги детектираат нервните клетки на нервот за мирис (т.н. Олфакторен нерв). Во носот ги има околу 12 милиони.
Бројот на нервни клетки на мирисниот нерв со стареењето постепено се намалува. Во осумдесетите години од животот луѓето веќе имаат изгубено околу 50% од капацитетот на сетилото за мирис. Некои болести: Паркинсонова болест, Алцхајмерова болест, дијабет и недостаток на цинк можат да предизвикаат намалување или губење на способноста на сетилото за мирис.
Некои работи кои човековиот нос не може да ги почувствува како мирисаат, можат да бидат смртоносни за луѓето. На пр. човековиот нос не може да го осети мирисот на природниот плин (луѓето можат да го осетат само меркаптан-от, состојка која се додава на природниот гас), јаглеродмоноксид, јаглероддиоксид и др.
Децата имаат подобро развиено сетило за мирис од возрасните. Доенчињата ги препознаваат своите мајки по нивниот мирис. Жените поседуваат подобро развиено сетило за мирис од мажите и таа разлика трае во тек на целиот живот. Женскиот нос станува уште поосетлив во тек на бременоста. Понекогаш таквата олфакторна хиперсензитивност доведува до необична или погрешна перцепција за мирис.
Кај жените, носот расте до нивната 15-17 година. Кај мажите, носот продолжува да расте барем уште две години, до нивната 17-19 година од животот. Со стареењето на сврзното ткиво на врвот на носот доаѓа до пукање на врските измеѓу молекулите на еластин и колаген. Затоа со тек на време носот се издолжува и паѓа надолу, привлекуван од силите на гравитација.
Човековото сетило за мирис е во можност да го идентификува хемискиот потпис на некои молекули во еден од трилионите делови на воздухот. Сепак, вашето куче има 20 пати подобро развиено сетило за мирис од Вас.
Средишната вдлабнатина измеѓу горната усна и носот се нарекува филтрум. Се знае како настанува, меѓутоа сѐ уште никој нема откриено за што служи. Старите Грци го сметале како еден од најерогените делови на телото.
Доколку постојат проблеми со сетилото за мирис, сигналите од сетилото за вкус исто така ќе бидат променети, бидејќи мозокот овие два видови на сигнали ги интерпретира заедно. При настинка или алергија на полен, кога доаѓа до воспаление на слузницата и затнатост на носот, храната често „го губи“ оној вкус на кој сме навикнати.
Работејќи лабораториски со колонии на бактерии, нобеловецот Александар Флеминг „таткото“ на пеницилинот, воочил антибактериско дејство на носната слуз од носот на настината особа. Во подоцнежните истражувања, открил дека се работи за дејство на биолошка состојка на која во 1922година ѝ е дадено ново име – лизозим, важен заштитен фактор на неспецифичниот имунитет на организмот кој се излачува нормално од клетките на носната слузница, меѓутоа се наоѓа и во плунката, солзите итн.
Носната шуплина претставува широк простор внатре во лобањата, позади и над носот, која комуницира со страничните шупливи коски на главата –синусите. Благодарение на ваквата шуплива структура на коските, нашата лобања е полесна за неколку килограми, со тоа и доволно лесна без проблем да можеме да ја носиме на врвот на нашето исправено тело.
Различни луѓе киваат на различни начини. Оваа разлика е генетски определена, така да членовите на исти семејства киваат на сличен начин, а различно од другите. На сите им е заедничко дека кивањето доведува до создавање на многу експлозивни воздушни струи со брзина преку 160km/h, со кои се исфрлуваат сите носни иританти кои предизвикале надразнување на кивањето.
Слузта која ја лачат носната слузница и синусите содржи бели крвни клетки и ензими. Служи како заштитен слој во борба против инфекцијата. Дневно се произведува околу 900ml ваква слуз. Ако особата се разболи, на пр. настине, носот лачи повеќе воденеста слуз отколку вообичаено, во обид да се уништат микроорганизмите кои го нападнале организмот.
Мирисните нерви од носот директно се споени со мозокот и тоа со дел од мозокот кој се нарекува хипокампус и кој е задолжен за создавање на меморија. Од пет телесни сетила, сетилото за мирис е единствено од овој вид. Затоа некои видови на мирис може да доведат до присетување и евоцирање на спомени на слични претходни ситуации и контексти.
Скршен нос! Сте слушнале за овој израз, ама носот всушност нема коски кои би се скршиле. Станува збор за носната ‘рскавица . Покрај ‘рскавицата, човековиот нос содржи пет различни мускули.
Поздравувањето со рака не е универзална традиција. Припадниците на маорското племе од Нов Зеланд традиционално се поздравуваат со прислонување на својот нос на носот на пријателот. Хонги!
Нашиот нос е наш значаен „клима-уред“ : го загрева ладниот, а го разладува топлиот воздух, како и ги филтрира и отстранува нечистотиите и прашината. Носот на луѓето е најдобар филтер за воздух на светот! Од внатрешна страна, ноздрите се обложени со влакненца чија функција е запирање на микроорганизмите, поленовите зрнца и прашина... Тоа што ќе им избега на влакненцата, се фаќа и задржува на слузта која ја обложува слузницата. Слузта ја предава и дел од својата влага на вдишаниот сув воздух. Покрај тоа, анатомската градба на носната шуплина го насочува струењето на вдишаниот воздух така што тој доволно долго се филтрира, влажни и загрева пред да стигне до осетливото ткиво на белите дробови.
Слузницата на носот е богата со феромони – специфични хемиски молекули кои се ослободуваат во ситуации на сексуална привлечност. Исто така, човековиот нос детектира феромони кај личност од спротивниот пол. Несвесната размена на феромони на две блиски особи игра значајна емоционална улога, бидејќи луѓето можат да намирисаат состојба на сексуална напнатост и возбудување сѐ додека се доволно блиску до својот партнер.
Мажите може да ја намирисаат жената која овулира. Всушност двата пола се во состојба да ги намирисаат т.н. молекули на главниот комплекс на хистокомпатибилност (ГКХ). Тоа се молекули на површината на секоја клетка во организмот и се единствени за секоја особа. Преку молекулите на ГКХ , телото може да го разликува своето и сопственото од она што е различно. Ова е важно во смисол дека различни ГКХ кај партнерите резултира со посилен имун систем на потомците на таквиот пар.
Секоја личност има свое специфично чувство за мирис. Две различни особи може да имаат различни перцепции за еден ист специфичен мирис. На пр. перцепција на мирисот на куркума кај една особа може значајно да се разликува од перцепцијата кај друга особа.