Основната функција на носот е респираторна (дишење). Човекот рефлексно дише преку носот (иако може и преку устата). Дишењето преку носот не само што е природен процес, туку е и поефикасно, бидејќи се овозможува побрз проток на воздухот кон долните делови на респираторниот тракт, навлажнување, затоплување и прочистување на вдишаниот воздух.
Носот е орган кој претставува почетен дел од респираторниот тракт. Секој ден преку ноздрите кај возрасна особа поминува околу 12 000 литри воздух. Тука се опфатени и 70% од микроорганизмите кои влегуваат во телото преку носот. Внатрешноста на носот е обложена со слузница која е повеќеслојна, се состои од два вида на клетки: Клетки чија површина е покриена со трепки или цилии и жлездести клетки кои лачат слуз од носот (мукус). Цилиите се тенки, невидливи со око, издатоци на епителните клетки на слузницата на носот, кои брзо се движат во вид на бранови. Сите нечистотии, заедно со слузта, преку движењето на цилиите (т.н. мукоцилијарен транспорт) се движат од шуплината во носот кон надвор или кон грлото.
Освен основната функција, носот има и низа други функции. Здравата носна слузница има многу важна заштитна улога. Кога постои недостаток на влажност во носната слузница, таа повеќе не може да има заштитна функција, носните шуплини стануваат суви, надразнети и често болни. Симптомите и знаците кои се појавуваат при сушењето на слузницата на носот се чешање, пецкање, кивање, создавање на крусти и крварење. Сувоста на слузницата на носот го зголемува ризикот од развој на инфекции.
Одржување на слузницата на носот чиста и влажна овозможува целосно зачувување на функцијата на носот, како и заштита на дишните патишта од онечистувања во воздухот.
Освен навлажнување и филтрирање на воздухот, заштитна функција, носот врши и други важни функции, како што се функција на сетило за мирис и вокална резонанција.